|

Крушево домаќин на Парламентарниот караван – средба на учениците со народни избраници

Денес во Општина Крушево се одржа активноста „Парламентарен караван 2025“, со цел унапредување на транспарентноста и директната комуникација меѓу граѓаните и законодавната власт. Во рамки на караванот, пратеници од Собранието на Македонија остварија средба со ученици од основното училиште „Никола Карев“.

Настанот е можност за најмладите граѓани да постават прашања до пратениците и директно да се запознаат со нивната улога, одговорности и начинот на кој функционира парламентот. Преку интерактивна сесија, учениците имаа можност да изразат свои размислувања, да дискутираат за теми од нивен интерес и да се вклучат во отворен дијалог со избраните претставници.

Учениците покажаа голем интерес и активност, поставувајќи низа прашања поврзани со работата на парламентот, донесувањето на закони, образованието, екологијата и улогата на младите во демократските процеси.

„Целта на Парламентарниот караван е да ја доближиме институцијата Собрание до граѓаните, особено до младите, и да им покажеме дека нивниот глас и мислење се важни. Ваквите средби се одлична можност за градење доверба и поголема транспарентност“, изјави еден од пратениците кои беа дел од настанот.

Со оваа активност, Парламентарниот караван придонесува за зголемување на свеста кај младите за значењето на демократијата, учеството во општествените процеси и важноста на транспарентното владеење.

Со Парламентарниот караван, Собранието праќа порака дека институциите се отворени и достапни за сите граѓани, а особено за младите кои се идните носители на одлуки и промени во општеството.

Слични Објави