„Ученици од СОУ„Орде Чопела“ Прилеп на работилница во Музеј

НУ Завод и Музеј – Прилеп, во соработка со Центарот за истражување и валоризација на градителското наследство од Белград и Уметничката галерија на Босна и Херцеговина – Сараево, денеска организираше серии работилници посветени на спомениците од НОВ (Народноослободителната војна). Фокус на активностите беше монументалниот споменик „Могила на непобедените“ во Прилеп, авторство на Богдан Богдановиќ.



Работилниците ги реализираше м-р Аида Шарац Бербиќ — музејски педагог и историчар на уметност при Уметничката галерија на БиХ, Сараево. Во рамките на програмата, учениците се запознаа со историскиот и уметничкиот контекст на споменичната архитектура, значењето на меморијалите за колективната меморија и практични аспекти на нивната заштита и ревитализација.

На денешните активности учествуваа учениците од СОУ „Орде Чопела“, придружувани од класните раководители Александар Џинго, Рената Ристоска, Славица Петровска, Наталија Гарбеска, Дијана Лазароска, Сања Јошески и Ѓорѓија Гагалески. Преку интерактивни предавања и теренска размена, младината имаше можност да дискутира за вредноста на споменичната култура и начини за нејзина долгорочна заштита.

Целта на проектот е подигање на свеста кај младите за важноста на спомениците како дел од културното наследство и активирање на локалната заедница за нивно одржување и изучување. Организаторите најавија продолжување на програмата со дополнителни едукации и јавни презентации во следните недели.

Слични Објави