|

„РОЊА“ И „ХИНКЕМАН“ ЗА ПОЧЕТОК – 75 ГОДИНИ НТ„ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“- ПРИЛЕП

Денес во 12 часот со претставата „Роња“ на Театар за деца и младинци – Скопје, започнува чествувањето на 75 години Народен Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Од еден волшебен свет исполнет со џуџиња, диви шуми и предели исполнети со авантуристички возбуди, ни доаѓа приказната за малата, дива и бестрашна Роња, уникатен бисер од перото на шведската писателка Астрид Линдгрен. Приказна за пријателство на две чисти и невини души, пријателство на две деца кои припаѓаат на различни кланови на ограбувачи. Најдени во такви околности без нивна вина, соочувајќи се со многу предизвици, тие започнуваат една сосема поинаква заедничка авантура и меѓу себе градат силна пријателска врска.

Во 20 часот, на сцената на прилепскиот театар, „Златен елец“, независен театар од Скопје ќе ја одигра „Хинкеман“ на Ернст Толер, во режија на Тамара Стојаноска.

Играат: Бобан Алексоски, Талија Настова, Дритон Вејсели, Ане Блажовски, Леонида Гулевска, Бранко Михајлоски

Претставата „Хинкеман“ е работена според анти-воената и експресионистичка драма (Der deutsche Hinkemann, 1923) на Ернст Толер чија најголема инспирација бил актуелниот историски контекст и времето во кое создава. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество. Во текстот на Толер се препознаваме и денес, а со тоа треба да се запрашаме дали воопшто нешто се менува во длабочината на човечкото однесување. Овој текст е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. „Хинкеман“ е како огледало на нашето општество изградено на суровост, пари и предрасуди, а оние кои се различни на било кој начин, секогаш, во било кој историски контекст се исмејувани или отфрлени од толпата.

Театар „Златен Елец“ оваа претстава ја направија во копродукција со „Млад Отворен Театар“ (МОТ) и МКЦ Скопје

Слични Објави