Учебници за сите ученици, повеќе асистенти, вклучување на вештачка интелигенција во наставата -Утре започнува новата учебна 2025/2026 година
Утре официјално започнува новата учебна 2025/2026 година. Наставата ќе трае до 10 јуни, додека матурантите редовната настава ќе ја завршат на 15 мај. Според податоците од општините, во училишните клупи ќе седнат околу 245.000 ученици – 177.800 основци и 67.200 средношколци.
Министерството за образование и наука обезбеди учебници за сите ученици. Ова е втора учебна година по ред која започнува без недостаток на учебници. Целосно нови учебници има за седмо одделение и за прва година во гимназиите, поради новите наставни програми.
„За прв пат после седум години, учениците ќе имаат учебници и по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански“, изјави министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.
Таа посочи дека со новиот Закон за учебници се решени долгогодишните проблеми – нема предмети без учебници, нема доцнења во испораката и сите авторски права се целосно регулирани. Подобрување на инфраструктурата и дигитализација’
Во последната година отпочнат е инвестициски циклус вреден 67 милиони евра за унапредување на училишната инфраструктура. Дел од проектите се веќе завршени, а другите се во тек. Од оваа година во употреба е и нов електронски дневник со значително подобри перформанси, кој ќе овозможи наставниците во секое време да внесуваат податоци.
Вештачката интелигенција влегува во наставата – Новина во наставниот процес е и вклучувањето на вештачката интелигенција. Подготвен е сеопфатен прирачник за наставници и ученици со јасни инструкции за етичка и ефикасна примена на новите алатки. За наставниците се предвидени и обуки на почетокот на учебната година.
Поголема инклузија во образованието – За унапредување на инклузивноста, во основните училишта се ангажирани 1.346 образовни асистенти, а за прв пат и средношколците со посебни образовни потреби ќе имаат поддршка од 130 асистенти. Покрај тоа, воведено е формално образование за деца на долготрајно болничко лекување, кои ќе можат да се вклучуваат во наставата онлајн или индивидуално со наставник.
Наставниците ќе добијат ново зголемување на платите од 7,5% до 10%, зависно од степенот на инфлацијата.
Дополнително, државата обезбедува целосно покривање на трошоците за учество на талентираните ученици на меѓународни научни олимпијади, како и професионално и кариерно насочување за сите ученици.



