Од први јануари само со нови возачки – 100 евра казна за возачите со стари документи
Од утре 1-ви јануари, личните документи и возачките дозволи со старото име на државата ќе престанат да важат, а оние кои ќе бидат затекнати со стара возачка дозвола ќе се соочат со парична казна од 100 евра.
Досега, повеќе од 800 илјади граѓани ги замениле своите возачки дозволи со нови, кои го содржат уставното име на државата, утврдено со Преспанскиот договор. Министерството за внатрешни работи информира дека процесот на замена тече непречено, без метеж на пунктовите за издавање.
Граѓаните имаа петгодишен рок за промена на патните исправи, личните карти и возачките дозволи, почнувајќи од 12 февруари 2019 година, кога стапи на сила Преспанскиот договор. Министерството ги повика сите кои сè уште не ги замениле своите документи, итно да го сторат тоа.
Покрај тоа, министерството потсетува дека крајниот рок за замена на регистарските таблички или лепење налепници со ознака „НМК“ е 31 декември 2024 година. Налепниците се достапни во сите станици за технички преглед.
Возачките кои ќе бидат затекнати со стара возачка дозвола, според Законот за безбедност во сообраќајот, ќе бидат санкционирани со парична казна од 100 евра.
Граѓаните се охрабруваат да го почитуваат рокот за да избегнат санкции и да ја продолжат својата активност на патиштата без пречки.