Во ЕВН пристигнаа 1.385 поплаки за сметките за струја – Граѓаните незадоволни од сметките за струја

Сметките за струја во зимските месеци продолжуваат да предизвикуваат незадоволство кај граѓаните во Македонија. Според податоците на ЕВН Хоум, во јануари годинава пристигнале 1.385 барања за корекција на фактурите.

Во јануари 2024 година, компанијата примила 1.857 барања, додека во декември 2023 бројот изнесувал 923. Според информациите од ЕВН Хоум, во декември и јануари има околу 18% помалку барања за корекција во однос на истиот период минатата година.

Според правилата, потрошувачите најпрво треба да поднесат приговор до ЕВН Хоум, а ако не добијат задоволителен одговор, можат да се обратат до РКЕ. За разгледување на случајот, потребно е да достават копија од приговорот, одговорот што го добиле и спорната сметка. Ако решението на РКЕ не биде прифатливо, граѓаните можат да покренат управен спор.

Потрошувачите кои се незадоволни од пресметката на потрошената енергија и износот на сметката, (согласно член 37 од Законот за енергетика, Правилата за снабдување со електрична енергија и Правилата за постапување на приговори и разрешување на спорови, потрошувачите за секоја фактура) имаат право да вложат приговор до универзалниот снабдувач ЕВН хоме.

Доколку потрошувачот не е задоволен од добиениот одговор или не добијат одговор во законски предвидениот рок (од 8 дена), имаат право да поднесат приговор до РКЕ како второстепен орган. За приговорот до РКЕ нема пропишано посебна форма/формулар и само треба да приложат копија од вложениот приговор до ЕВН хоме, нивниот одговор и копија од сметката по која приговараат.

Приговорот може да се достави во архивата на РКЕ или електронски по и-мејл на erc@erc.org.mk и potrosuvaci@erc.org.mk.

Експертите препорачуваат редовно проверување на броилата за да се избегнат неочекувани зголемувања на сметките. Во случај на неправилности, состојбата на броилото која ја отчитал потрошувачот треба да биде земена предвид при пресметката на потрошената електрична енергија.

Граѓаните на Македонија, од јануари годинава добиваат во просек повисоки сметки за струја за 0,92 проценти, доколку имаат просечна потрошувачка во прв, втор и трет блок. Во првиот блок беше најавено дека струјата ќе поскапи за 0,68%, за корисниците од вториот блок за 0, 90%, за третиот блок 1,93% и за најголемите потрошувачи на струја од чествртиот блок за 2,24 проценти. 

Слични Објави