ТУТУНОТУРИТЕ СЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ОТКУПОТ: СЕ ОЧЕКУВА ЦЕНА ДО 450 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ
Околу 26.000 тони тутун од годинашната реколта се очекува да бидат понудени на откупните пунктови низ земјава. Додека производителите ги привршуваат подготовките за предавање на родот, дел од откупните компании најавуваат дека ќе започнат со вонреден откуп од 17 ноември, а редовниот откуп официјално треба да стартува на 15 декември.
Во тек се последните подготовки за почетокот на откупната сезона, меѓу кои и нострификацијата на мострите тутун, постапка што е неопходна за утврдување на квалитетот и почеток на преземањето на родот. Според најавите, откупните компании на 16 ноември треба да ги подигнат заверените мостри од Институтот за тутун.
Претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија на Македонија, Кире Ристески, информира дека за годинашниот откуп се регистрирани десет откупни претпријатија и пријавени се вкупно 324 ваги. Сепак, засега нема прецизни информации колку компании и со колкав број ваги ќе го започнат вонредниот откуп.
Од Сојузот очекуваат годинашната реколта, која според првичните проценки е со добар квалитет, да донесе и повисока откупна цена за производителите.
Ланската просечна цена изнесуваше 420 денари за килограм, а очекувањата на тутунарите се годинава таа да достигне од 440 до 450 денари.
Висината на откупната цена ќе биде клучна за исплатливоста на производството, особено имајќи ги предвид вложувањата во текот на производната сезона. Производителите сега очекуваат квалитетот на родот да биде соодветно вреднуван и да се одрази врз конечната заработка.
Со најавениот почеток на вонредниот откуп на 17 ноември, ќе започне и периодот во кој тутунарите ќе ги дознаат конкретните услови под кои ќе го предаваат годинашниот род.


