|

Три часа средба со предлози и без конкретни договори

По речиси три часа разговори на лидерската средба што ја иницираше премиерот Христијан Мицкоски, конкретни договори не беа постигнати. На средбата, на која празно остана столчето за СДСМ, биле отворени повеќе прашања од реформската агенда, но без јасен консензус меѓу политичките лидери.



Како што информираат извори од средбата, на самиот почеток се разговарало за потребата од обезбедување бадентерово мнозинство за избор на Народен правобранител, како и за двотретинското мнозинство неопходно за донесување на законот за „Сејф сити“ системот. Било истакнато дека решение мора да се најде во најскоро време, со цел системот да започне со функционирање од 1 февруари.

Главна тема на средбата било укинувањето на техничката влада, за што премиерот Мицкоски смета дека треба да се напушти како модел, но околу ова прашање не е постигнат консензус.

„Ако од опозициската СДСМ мислат дека за следните избори е потребна техничка влада – во ред, нека биде за следните. Но, барем по тие избори, кој и да победи, да нема повеќе техничка влада“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од ДУИ, пак, предложиле дополнителни консултации со меѓународната заедница. Лидерот Али Ахмети посочи дека токму меѓународните партнери биле коавтори на решението за Пржинската, односно техничката влада.

„Во однос на техничката влада, нашиот став е дека треба дополнително да се консултираме со меѓународната заедница, кои се коавтори на текстот за Пржинската влада“, изјави Ахмети.

Од коалицијата ВЛЕН се согласуваат дека техничката влада треба да се укине, но поради немање целосен консензус, предлагаат тоа да се направи по следните парламентарни избори. Лидерот на Беса, Биљал Касами, го отворил и прашањето за поголемо учество на дијаспората во изборниот процес.

„Треба да се најде можност за поголемо гласање на дијаспората, бидејќи таа е важен чинител во економските движења во државата. Се отворија и прашања околу изборните единици, но засега нема јасен став – дали една, три, сегашните шест или има предлози за осум“, изјави Касами.

Во однос на Изборниот законик, од ЗНАМ и од Левица излегоа со став дека е потребно ново изборно решение со една изборна единица и отворени листи, а се залагаат и за укинување на техничката влада.

На средбата било отворено прашањето за народниот правобранител, од страна на Димитар Апасиев, лидерот на Левица со предлог оваа позиција да припадне на ромската заедница.

Слични Објави