Стара Нова Година Василица – Кругот на традицијата што ја носи надежта
Василица или Стара Нова Година – празник на огновите, лебот и надежта
Василица, позната и како Стара Нова Година, е еден од најживописните народни празници во македонската традиција. Се слави на 13 и 14 јануари според стариот јулијански календар и претставува симболичен премин од старата во новата година, момент за обновување и нов почеток.
Во народното верување, Василица е празник на животот, здравјето и заедништвото. Еден од најкарактеристичните обичаи е палењето на огнови, кој во македонските краишта понекогаш се нарекува „Сурва“ – од зборот сурова, што значи силна, здрава, јака и бериќетна година. Овој обичај има корени во предхристијанските верувања, кога огнот се сметал за света сила – заштитник од злото, симбол на живот, светлина и прочистување.
Огновите се палеле за време на зимскиот солстициј со верување дека нивната светлина ќе донесе плодност, среќа и здравје, додека денот постепено ќе се зголемува до летниот солстициј на Иван ден (24 јуни). Луѓето се собирале околу огновите, ги прескокнувале или стоеле во нивна близина, верувајќи дека топлината и светлината имаат моќ да ги заштитат од несреќи и да ги наполнат со сила.
Во овој период од годината, деновите се најкратки, а според народното верување, злите сили се најактивни во „некрстените денови“ кои траат од Божиќ до Богојавление. За да ги оттргнат злите духови, луѓето се маскирале со зооморфни маски, носеле ѕвонци и правеле голема врева, за да делуваат заштитнички и да ја заштитат заедницата.
Еден од најзначајните и највпечатливи обичаи на Василица е кршењето на леб со паричка. Лебот секогаш се украсува со орнаменти – сонце, класје, кругови или крстови – кои симболизираат живот и цикличност на времето. Лебот не се сече со нож, туку се крши со раце, како израз на почит кон храната и заедничкото споделување. Со самиот чин на кршење се верува дека се „отвора“ среќата за целата година, а благословот се дели рамноправно меѓу сите присутни.
Посебно значење има паричката скриена во лебот. Оној што ќе ја најде се смета дека ќе биде најсреќен во годината што следи, но тоа не симболизира само материјална среќа, туку и духовна – мудрост, сила и заштита од несреќи.
Постојат непишани закони кои траат подолго од пишаните – тоа се нашите адети. Денес, на Василица, не вртиме само мазник. Вртиме круг околу една прастара, човечка надеж.
Традицијата нѐ учи на трпение – дека по зимата секогаш доаѓа пролет. Дека среќата е превртлива и шета од рака на рака, но лебот што го делиме е она што нѐ држи заедно.
Традицијата не е обврска кон минатото, туку верба во иднината.
Во поширок контекст, лебот и празничните обреди на Василица ја симболизираат надежта за нов почеток, заедништвото и вербата дека во традицијата и споделувањето лежи вистинската сила на заедницата. Овие обичаи не се само спомен од минатото, туку живи пораки што треба да се пренесуваат на новите генерации како дел од македонската културна идентитет.
За многу години!



