ПРОНАЈДЕНИ НАД 100 ПУШКИ ОД ПЕРИОДОТ НА БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ ВО БИТОЛА
На просторот во поранешната касарна, на локацијата каде што Општина Битола ја започна изградбата на новиот противпожарен дом, пронајдена е поголема количина на оружје, поради што градежните работи се привремено стопирани. Надлежните служби, веднаш излегоа на терен и постапуваат согласно законската регулатива. Градоначалникот Коњановски, очекува проверката на теренот и постапувањето со оружјето да бидат брзо завршени, за да може градежните работи, непречено да продолжат:
„Во текот на вчерашниот ден, од страна на изведувачот на градежните работи на локацијата каде што треба да „никне“ новата противпожарна зграда, најдена е поголема количина на лесно оружје. Активностите во моментот се стопирани. Пријавено е според правилата до Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и заедно сме тука со претставниците на Дирекцијата, видовме и дел од оружјето, тоа се претежно пушки, над 100 парчиња кои се извадени на оваа локација. Според нивното кажување датираат од периодот на Балканските војни. Битола знаете во тој период и како територија и како регион била една од најбомбардираните места за време на Балаканските војни и Првата светска војна, така што ова не е нешто невообичаено. Активностите се прекинати се додека оваа локација не биде обезбедена онака како што треба и како што законската регулатива тоа го налага“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски при денешниот увид на терен.
Имајќи ги предвид ваквите чести појави, Градоначалникот Коњановски и претставниците на Дирекцијата за заштита и спасување, разговараа и за потребата од преземање на организирани едукативни активности во соработка со воспитно образовните институции, со цел едукација на младите за начинот на постапување и соодветно пријавување во случаи на затекнато старо оружје на одредени локации.