(ВИДЕО) Светски ден на младите – младите бараат простор и глас
Денеска, 12 август, се одбележува Светскиот ден на младите – ден кој потсетува дека младите не се само иднината, туку и важен дел од сегашноста.
Во Прилеп, токму вчера, кај Саат кулата, Локалниот младински совет на Општина Прилеп организираше настан на кој младите ги посочија своите потреби. Меѓу најважните барања се младински центар и повеќе настани и содржини наменети за младите.
На настанот присуствуваше и градоначалникот, кој истакна дека само во последните 70 дена во Прилеп биле организирани околу 140 настани. Ги издвои МТФ „Војдан Чернодрински“, заедничкото гледање фудбал пред Ѕидот, ликовните изложби и програмата „Од 0 до култура“.
Но, бројот на настани е само едната страна од приказната. Другата е прашањето колку од нив се креирани со младите и за младите.
И тука доаѓаме до Локалниот младински совет. За претходниот состав, искрено, јавноста речиси и да не знаеше дека постои. Не знаевме ни кој го сочинува, ниту што конкретно работи.
Се надеваме дека овој состав од девет млади луѓе ќе покаже дека Локалниот младински совет не е само формално тело, туку место од каде што ќе произлегуваат идеи, иницијативи и конкретни решенија за младите во Прилеп.
Зашто, на овие девет млади луѓе им е доверена и одговорност – а за нивната работа е издвоен и буџет од парите на даночните обврзници на Општина Прилеп.
Така што, наскоро се надеваме дека ќе излезат со конкретна програма, план и јасна визија што ќе им понудат на своите врсници.
Зашто младите не бараат само да бидат публика. Бараат простор да создаваат, да се дружат, да иницираат и да учествуваат во животот на својот град.
А Локалниот младински совет има можност, но и обврска, тоа да го претвори во конкретни активности.


