Транспарентно креирање на Буџетот 2026 – Општина Долнени ги повикува граѓаните да достават предлози
Во насока на унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето на локалната самоуправа, Општина Долнени објави јавен повик за учество на граѓаните, граѓанските организации и сите заинтересирани страни во подготовката на Буџетот за 2026 година
Преку овој повик, Општина Долнени им овозможува на жителите активно да се вклучат во процесот на планирање и распределба на јавните финансии, доставувајќи предлози, идеи и сугестии за проекти и активности кои сметаат дека се од приоритетно значење за локалната заедница. Ваквиот пристап е во согласност со принципите на добро локално владеење и претставува позитивен пример за отвореност кон јавноста.
Од Општината информираат дека предлозите може да се доставуваат во утврдениот рок – емаил :info@opstinadolneni.gov.mk а во хартиена форма, до архивата на општината, најдоцна до 25.12.2025 година по што истите ќе бидат разгледани при креирањето на нацрт-Буџетот за 2026 година. Целта е буџетските средства да бидат насочени кон реалните потреби на граѓаните и одржливиот развој на општината.
Транспарентноста, како што посочуваат експертите, не е само формално исполнување на законска обврска, туку суштински процес кој подразбира навремено информирање, отворена комуникација и отчетност пред јавноста. Токму ваквите јавни повици овозможуваат граѓаните да имаат активна улога во носењето одлуки кои директно влијаат врз нивниот секојдневен живот.
Граѓанските организации и медиумите имаат значајна улога во следењето на овој процес, како и во информирањето на јавноста за можностите што ги нуди повикот. Вклученоста на јавноста во буџетските процеси е клучна за градење доверба меѓу институциите и граѓаните.
Буџетот е одраз на приоритетите на една општина, а учеството на граѓаните во неговото креирање е основа за поодговорно, поефикасно и потранспарентно локално управување.


