Тој што троши, треба и да правда
Кутра е таа правда, која не е докажана
По теорија и закон, општините треба да работат на својот буџет за идната година, во текот на целата каланедарска година, согласно „Буџетскиот календар“. Во практика, последниот квартал од годината општините (вообичаено) го користат за добивање предлози од граѓаните при креирањето на буџетот за следната година. Притоа, се користат различни форми на прибирање предлози, од непосредни средби со граѓаните кои ги води градоначалникот со неговиот тим, до организирање „буџетски форуми“, како структурирана форма за добивање предлози по секоја од програмите кои го сочинуваат општинскиот буџет.
Дел од општините од Пелагонискиот регион ги започнаа овие средби, но за останатите општини, овој напис е мало посетување дека организирањето на вакви настани е еден од главните приоритети за Транспарентност и отчетност на општините.
Општините треба да се грижат и да ги едуцираат граѓаните (дали преку невладините организации, дали преку професори по економија, дали преку директна едукација на граѓаните на нивната веб страница) како да го мониторираат буџетот, затоа што мониторингот и расправата за буџетот за идната година не е разбирлива материја, ако претходно не се граѓаните припремени. Само така општините ќе имаат полни сали и плодна дискусија.
Дали звучи нелогично тој што троши пари, да едуцира како да го контролираш во трошењето, па дури и да ги притиска граѓаните да говорат за буџетот? Звучи наивно, но не е! Ако граѓанинот не го мониторира буџетот и/или нема доволно написи, анализи и прикази во медиумите за буџетот на некоја општина, тој развива недоверба во самата општина и нејзиното трошење, а тоа значи дека на идните избори ќе сака „промени“. Ете, тоа е поентата. Општината МОРА ДА ГО УБЕДИ ГРАЃАНИНОТ ДЕКА ДОМАЌИНСКИ ТРОШИ и дека сака ЗАЕДНИЧКИ ДА ГО ПЛАНИРА БУЏЕТОТ ЗА ИДНАТА ГОДИНА.
Тука се и стручните НВО – и, кои можат да ги мониторираат буџетите на општините и за тоа да ги информираат граѓаните. Општината не само што тоа го дозволува, туку мора да одговори на секое прашање на граѓанинот или на НВО – ите и ова не е партиска пропаганда, туку И ЗАКОН И ПРАКТИКА, барем во посилните општини.
Но, да прифатиш нешто, не е исто со спроведувањето. Општините мора да научат „да бидат гласни“ и агресивно да ги канат граѓаните на овие буџетски дебати и форуми, а не „колку да си поминат“, во празните сали. Ако граѓаните не се заинтересирани да дојдат, тоа не е вина на граѓаните, туку на општините. Имено, тие толку многу пати ги разочарале, излажале и изманипулирале граѓаните, што ќе им бидат потребни вонредни напори да ги вратат во општинските клупи. АКО ГРАЃАНИТЕ НЕ ДОАЃААТ, ЗНАЧИ ДЕКА НЕМААТ ДОВЕРБА ВО ОПШТИНИТЕ и тоа мора да им биде јасно на луѓето со функции. Ако граѓаните немаат интерес да дебатираат за СВОЈОТ ОПШТИНСКИ БУЏЕТ, тоа значи дека некој општински портпарол и самата ПР администрација не си ја завршила работата. Не се платени граѓаните да доаѓаат на форумите, туку се платени административците да ги донесат граѓаните на форумите и тука градоначалните не треба да имаат „пардон“, туку да ги стегнат своите вработени, да се отворат и поискрено да работат со граѓаните и поредовно, пописмено и попосветено да објавуваат податоци. За тоа земаат плата.
И тимот на АГТИС, како и досега ќе биде дел од настаните кои ќе ги организираат општините за своите буџети, во наредниот период, ќе им помагаме на општините да доведат што повеќе луѓе на форумите, да има што повеќе посветени дискусии, идеи и грижа за иднината на општината. Тоа ќе го направиме преку ОТВ порталот, кој ќе проба да биде помош на општините, во информирањето на граѓаните за важните работи и бесплатното пренесување на општинските поенти и пораки до граѓаните.
А од каде ние тука?
АГТИС и во наредните две години продолжува со имплемнација на проектот „Отворени општини со отворени податоци“, со воспоставување на „Неформален регионален информациски систем“ преку порталот на www.otv.mk, за 9 – те општини од Пелагонискиот регион.
Цел на проектот е да се промовира и мери (по стандардизирана меѓународна методологија) отчетноста и транспарентноста на локалните институции и да се подигне јавната свест за учеството на граѓаните во одлучувачките процеси.
Ова е почеток на нашата повторна соработка со општините (и досега ја имавме), на малку поинаков начин.
АГТИС ќе објави серија прилози околу буџетскиот процес, а ова е нашиот Прв прилог од таа серија:
Како прилог на секој наш напис, ќе пласираме мала едукација за буџетот и буџетскиот процес на општините, за граѓаните да се „подспремат“ да ја „тресат“ локалната власт.
Ако тоа ГО ДАВА ЗАКОНОТ, КОЈ МОЖЕ ДА НЍ ГО СКРАТИ?