Промоција на инвестиционите, извозните и туристичките капацитети на Демир Хисар
Во организација на Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) при Општина Демир Хисар беше реализирана промоција на инвестиционите, извозните и туристичките капацитети на Демир Хисар, пред претставници на Министерството за надворешни работи – Сектор за економска дипломатија и Агенцијата за странски инвестиции на Македонија. Настанот е со поддршка на МКЦ Битола и Шведскиот институт „Олоф Палме“
Општината, извозно ориентираните компании и претставници на секторот манастирски туризам, ги презентираа капацитетите и можностите со коишто располага општината во секторите инвестиции, извоз и манастирски туризам.
Градоначалникот Никола Најдовски нагласи дека, и понатаму локалната самоуправа несебично ќе ги поддржува сите програмски активности кои се составен дел од ЛЕСС и беспрекорно ќе ги помага сите иницијативи кои се во интерес за општествен добробит.
На средбата изготвен е план за спроведување на активности кои ќе се реализираат во 2024 год:
1. Реализација на посета на Општина Демир Хисар од страна на претставници на дипломатскиот кор во Македонија, со цел директна презентација на нашите капацитети;
2. Реализација на контакти со странски туроператори со цел организација на еднодневни посети на странски туристи на манастири во Демир Хисар со акцент на презентација на научно – истражувачката дејност;
3. Поддршка на извозно ориентираните компании од Демир Хисар преку бесплатна регистрација на платформа за промоција на нивните производи;
4. Поддршка на извозно ориентираните компании од Демир Хисар преку бесплатна промоција на нивните производи на меѓународни саеми во странство.