„Стремеж“ ја продолжува традицијата – Објавен првиот број за 2026 година
Поезија, проза, критика и филозофија од македонски и светски автори во првиот број за 2026 година
Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, со поддршка на Министерството за култура и туризам, го објави новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ (година 72, број 1/2026).
На страниците на најновото издание читателите ќе најдат богата и разновидна содржина од областа на поезијата, прозата, книжевната критика и филозофијата, со дела од домашни и странски автори.
Во рубриката „Поезија“ се застапени творби од македонските авторки Оливера Андоноска и Илина Калчинске, како и избор од поезијата на турската авторка Гонџа Озмен, украинскиот поет Сергиј Жадан, српскиот поет Небојша Васовиќ, руската поетеса Марина Цветаева и францускиот поет Алфред де Мисе, во препев на истакнати македонски преведувачи.
Во делот „Проза“ се објавени расказите „Ветроград“ и „Утешителот на жонглери“ од Иван Календар (Иван Шопов), како и расказот „Како на гумно се врши жито“ од хрватскиот писател Желимир Периш.
Рубриката „Критики и есеи“ носи текст на Кирил Бисероски посветен на филозофијата на Јирген Хабермас, како и книжевни осврти и анализи од Лидија Капушевска-Дракулевска, Борис Симоновски и Елизабета Дерменкоска-Цефи.
Со новото издание, „Стремеж“ уште еднаш ја потврдува својата улога како едно од најзначајните македонски книжевни и културни списанија, кое повеќе од седум децении им дава простор на современите книжевни и уметнички гласови од земјата и светот.



