Салата „Македонија“ конечно ќе се реконструира или повторно ќе остане само ветување?

Ајде аирлија? Останува да чекаме и да се надеваме дека овојпат работите навистина ќе тргнат од мртва точка, дека најавеното ќе се реализира и дека Прилеп конечно ќе добие спортска сала каква што заслужуваат неговите спортисти, младите и сите граѓани.

По долгогодишно чекање, запуштеност и најави за подобри услови за прилепскиот спорт, повторно се отвора прашањето за судбината на спортската сала „Македонија“. Дали конечно се придвижија работите и дали овојпат најавите ќе се претворат во реалност, или прилепчани повторно ќе треба да чекаат на исполнување на ветувањата?

Проектот за реконструкција е најавен, а според денешните објавени информации, предвидена е инвестиција од 180 милиони денари со вклучен ДДВ, односно околу 2,93 милиони евра. Реализацијата е планирана во три фази, во периодот од 2026 до 2028 година. Но, и покрај најавените планови, останува да се види кога конкретно ќе започнат градежните активности и дали предвидените рокови ќе бидат испочитувани.

Дали конечно се отвора патот за враќање на салата во функција, дали се надминати пречките што со години ја одложуваа нејзината реконструкција и дали ветувањата конечно ќе станат дела? Прашања на кои одговорот ќе го даде реализацијата на проектот, а не само најавите.

Денеска, градоначалникот на Прилеп, на профилот Дејан Проданоски на Фејсбук ја сподели најновата информација за реконструкцијата на спортската сала „Македонија“, со најава дека се завршени потребните административни процедури и дека се создадени предуслови за реализација на проектот.

СПОРТСКАТА САЛА „МАКЕДОНИЈА“ ДОБИВА НОВА ИДНИНА!

Едно големо и значајно прашање за Прилеп и едно важно ветување пред граѓаните влегува во фаза на реализација, целосна реконструкција на спортската сала „Македонија“!

По децении запуштеност, овој спортски објект конечно ќе добие нов лик и современи услови за спорт, тренинзи, натпревари и рекреација.

Како Општина Прилеп, ги завршивме сите потребни административни процедури и активности за реализација на овој значаен проект. Со тоа, создадени се предусловите за да започне остварувањето на она што долго време го очекуваат прилепчани, повторно ставање во функција на салата и нејзино враќање во спортскиот живот на градот.

Проектот е предвиден во Програмата за изградба, реконструкција и санација на спортски објекти за 2026 година, а планираната инвестиција изнесува 180 милиони денари со вклучен ДДВ, со предвидена реализација во три фази, во периодот од 2026 до 2028 година.

Со реконструкцијата, салата ќе располага со 1.959 седишта за публика, современи инфраструктурни решенија и соодветни пристапи за сите корисници, вклучително и лицата со попреченост. Проектот опфаќа и реконструкција на електричните инсталации, водоводот, канализацијата и термотехничките системи.

Голема благодарност до Владата и особено до Министерството за спорт за поддршката и препознавањето на значењето на овој проект за Прилеп. Со заедничка посветеност и соработка, создаваме услови за реализација на едно долгоочекувано ветување пред граѓаните и за враќање на спортската сала „Македонија“ во функција на спортот, младите и сите наши сограѓани.

Ова е инвестиција во нашите деца, во младите, во спортските клубови, во рекреацијата и во идните генерации спортисти кои заслужуваат современи услови за да ги развиваат своите таленти и да ги остваруваат своите соништа.

Продолжуваме посветено да работиме за Прилеп да добие спортска сала каква што заслужува, објект кој повторно ќе биде место за спортски успеси, натпревари, дружење и гордост на нашиот град!

Ајде аирлија? Останува да чекаме и да се надеваме дека овојпат работите навистина ќе тргнат од мртва точка, дека најавеното ќе се реализира и дека Прилеп конечно ќе добие спортска сала каква што заслужуваат неговите спортисти, младите и сите граѓани.

Бидејќи на Прилеп не му се потребни само нови ветувања, туку и конкретни дела. Вистинскиот одговор ќе го добиеме тогаш кога реконструкцијата ќе започне и кога салата „Македонија“ повторно ќе ги отвори вратите за спортот.

Слични Објави