|

На кротките светот останува

                Дали е ново дека децата сакаат – што децата гледаат? Сѝ велам, не е.

                Дали е ново дека „кабаетот е сирак“. Тоа никако не е ново и врсник е со нас – сите.

                Тогаш, треба ли да се прашаме како дојдовме да имаме агресивни деца, нарцисоидни, понекогаш насилни, повлечени во себе, незаинтересирани, без вредности? Тоа го виделе, тоа го сакаат или мислат „поинаку не е можно“. Интернети, лошо школство, презадоволени, прејадени препиени, „од сè задоволени“, ненамачени деца… и такви оправдувања колку сакаш. Рековме, кабаетот никогаш не е наш, туѓ е! И „не е од фамилија“.

                Библијата вели дека на кротките светот останува, а кротки нема ниту за лек, што значи кутри „свет“ ќе нема кој да го преземе. Толку ли биле наивни тие што пишувале?

                Не, не биле наивни. И тогаш, како и сега, човековите желби и мани биле големи, дури и поголеми од нашите. Не е пораката на Библијата промашена и лажна, само пораката треба да ја сфатиме.

„Кроткоста“ не значи да бидеш овца, ниту да се повлекуваш пред нападните, невоспитаните, егоманијаците, суетните, недугавите, но со „хартија во џебот“, пред „газди“ и директори, пред пратеници и моќници. Кроткоста дава една мудрост, која е поголема од сите други: „Не говори му на глувиот“, „не фрлај бисери пред свињата“, не се дери – кога некој друг наглас присилува да мислиш како него, не вреѓај – кога некој друг те вреѓа, не вели дека е некој некомпетентен – кога тој ти вели дека ти не си, не говори без да исслушаш – како што прават насилниците и од „Бога оштетените во умот“.

Кроткоста од Библијата, но и од Куранот (иста е пораката) вели да не се спушташ на нивото на социопатот, да говориш кога е место за тоа, да дигнеш глас кога треба, а не постојано „да бидеш присутен“ и да ги гушиш другите со твоето его и суета. Кроткост и мудрост е навистина да бидеш со своето дете – колку и малку време да имаш, а не да му посветуваш 1 – 2 часа невнимание.  Кроткоста вели дека постојат мудри луѓе, кои вреди да ги чуеш, дека постои закони и ред, кои се заштита на сите кротки, против социопатите, со кои е веќе преполно општеството. Кроткоста значи дека со кроткост и мудрост се постигнуваат стандарди, навики, однесувања, кои се за пофалба и кои треба да нѝ бидат патот кон иднината.

Нема да бидеш наивен, муте, или „за грев“, ако се однесуваш мудро и како граѓанин.

Нема да бидеш наивен ако „се доведеш во опасност“ да појдеш кога се говори за плановите на општината, за буџетот или за некои важни работи за нашиот живот како луѓе, а не како животни. Тоа го вели и Библијата: говори кога е место и време за тоа! Не по кафани и семејни ручеци на децата да им го расипуваш ручекот. Не на работно место, за да се скараш со колегите. Не преку фејсбуците да пласираш партиска агенда, да кудиш и да правдаш.

Вежбај со своето дете и исслушај го, помогни му – на начин што ќе го советуваш само да сѝ го реши проблемот и ќе вежба и тоа да биде отпорно на светот.

Вежбај со својата локална самоуправа и учествувај во дискусија, а ако не ти е јасно – прашај: Законот ги задолжува институциите да ти одговараат додека ти не сфатиш, па биди и најтуп на светот. Должност им е и нема тука „сакам – неќам“. Биди кроток и прашај, без занесување, без увреди, без скриена партиска агенда. Прашај и ако ти е нешто сомнително со јавни набавки. Кроткоста е во пристапот, а не во прашањето, кое мора да ти го одговорат спрема закон. Почитувај закон и барај закон. Слушај и говори, ако мислиш дека вреди некој да те слуша. Ако не си вреден за тоа, сами ќе ти кажат.

Ако си толку многу „кроток“, испрати им прашања на веб страница – Мора да ти одговорат и да објаснат.

Законот не е правен да те заштити тебе, туку власта, но мора да важи за сите, што значи дека нема никој „да ти се тресе“, но не смее ниту да те игнорира. Кротките знаат и по 10 пати да пратат меил, а мудрите инсистираат на законот.

На закон мислела Библијата и на кротки луѓе кои го бараат, а не на мутиња и „уста има глас нема“ уплашени поединци, кои стравот „да не биде полошо“, веќе ги претворила во поданици, а не во граѓани.

Ај сега речи дека Библијата (и Куранот) е за наивни.

Александар Цветкоски

Слични Објави