(ВИДЕО) Kреативност и инспирација – Oтворена изложбата „Моден дизајн“
Денес во СОУ “Ѓорче Петров” Прилеп, беше отворена изложбата „Моден дизајн“, на која беа претставени модни илустрации изработени од учениците од текстилната струка. Настанот, кој се одржа пред присутни ученици, наставници, родители и гости, беше вистинска прослава на младешката креативност и уметничкиот израз.
Изложбата нуди уникатен увид во процесот на создавање модна креација – од првичната скица до финалниот производ. Преку формат, движење и детали, учениците успеале да доловат не само визуелна естетика, туку и став, емоција и културен наратив. Во нивните трудови се среќаваат традицијата и современите трендови, инспирацијата и техниката, замислата и визијата за иднината.
Како што беше истакнато во обраќањето, модната илустрација е првиот чекор во секоја креација – моментот кога идејата оживува на хартија. Таа претставува клучен дел во конструкциската подготовка за изработка на облека, давајќи насоки за форма, пропорции, крој и избор на материјали.
„Овие ученици не се само следбеници на модните трендови – тие се творци на нови и уникатни стилови и идеи,“ беше потенцирано во говорот. Настанот ја доби дополнителната тежина со присуството на директорката Жанета Видевска, која додели пофалници за најуспешните ученици, како и на познатата модна дизајнерка Ирина Тошева. Таа, со својата инспиративна приказна, беше пример за тоа како храброста да се следи страста води до големи достигнувања.
Присутните гости, со своето присуство, ја збогатија изложбата и дадоа поддршка на младите уметници. Изложбата „Моден дизајн“ беше прогласена за отворена со порака за понатамошно творење, иновација и уметнички раст.