Асфалтот не е луксуз – туку право! Комуналните услуги се надлежност на општината
Во 2025 година, пристап до својот дом преку кал и дупки не треба да биде секојдневие. Асфалтираната улица, редовното собирање смет, уличното осветлување и чистата вода не се „услуги по барање“, туку основни надлежности на општината.
Комуналните дејности – како што се улиците, канализацијата, водоводот и хигиената – се дел од законски обврските на локалната власт. Освен за нив, општините се одговорни и за образованието, социјалната заштита, локалното здравство, спортот и културата.
Овие услуги ги реализираат јавни претпријатија формирани од општината, или компании со дозвола за работа во комуналната сфера. Финансирањето доаѓа од буџетот на општината, од сметките што ги плаќаат граѓаните, но и од државни субвенции, донации и кредити – бидејќи дел од комуналните претпријатија работат со загуба.
Секој општински Совет носи Одлука за комунален ред, со која го уредува животниот простор – од јавната чистота до поставување урбана опрема. Граѓаните имаат право не само да ги користат овие услуги, туку и да бараат подобрување или уредување таму каде што недостасуваат.
Затоа, следниот пат кога ќе газите по кал до прагот – не го обвинувајте само времето. Побарајте одговорност од општината.
КОИ СЕ НАДЛЕШНОСТИ НА ОПШТИНИТЕ ЛИНК ОД – ЗАКОН ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА