РАЗГОВОРИ НА ТРКАЛЕЗНАТА МАСА „ЦРНА ДУПКА“ НА СТРУМИЧКИ ТЕАТАР

Веќе втора година со ред по одигрувањето на секоја претстава се одржуваат разговорите на „Тркалезна маса“. Се надеваме дека само ќе растат и ќе има секој пат се повеќе заинтересирани да се вклучат со свои видувања, импресии па и критики.

Модераторката Јована Ѓорѓиовска се осврна на техничките услови со кои се справил струмичкиот ансамбл, од верзијата на матичната сцена, па до неколкуте поместувања и промени од основната матрица, вклучително и односот кон публиката.

Според режисерот Љупчо Ѓоргиевски секое дело е длабоко вкоренето во периодот кога настанало, па така и „Црна дупка“ на Горан Стефановски.

-Мене ме интересираше другата димензија – матрицата на Силјан Штркот, непослушниот син што се доближува до блуден син, за да стигнеме до она што денес ни се случува. Најмногу ме интересираше оттуѓувањето и како ние како луѓе имаме насушна потреба, секој од нас да се покае, да стане секој од нас Силјан, да се поправи.. За музиката со композиторот Сашко Костов и лајт-мотивот се водев од клетвата што ја носиме сите: „Цел живот да се бараш еден со друг и да не можеш да се најдеш“ – рече Ѓоргиевски

Актерот Васил Михаил, во ликот на Силјан, рече дека Горан во драмскиот текст зборува со современ јазик за традицијата.

-Во метафоричната дупка, на современ начин ни покажува дека доколку не се следи поредокот, тоа нема добро да заврши. Вториот дел во претставата е војна со себе си, војна околу нас, затоа што сите генерираме проблеми. Од актерска гледна точка голема е таа промена, особено во вториот дел и беше предизвик да се игра – рече Михаил.

Актерот Стојан Велков вели дека сите луѓе треба да имаат барем дел од Силјан.

-Како ликови бевме концизни и прецизни. Текстот и режисерот бараат да се потопиме во материјата, а не да се лебди. Имавме потреба како актери да си помагаме, а во изведбата пред прилепската публика се случи зенитот и претставата не собра енергетски – рече Велков.

На неучекуваните технички проблеми поради ограничените можности, се осврна актерката Јасмина Вучкова и посочи дека, со адаптацијата во дадените можности, се случила изведба која побарала од нив поголема ангажираност и во целиот процес заедно твореле со режисерот.

Заради камерната изведба и неможноста сите заинтересирани гледачи да ја следат претставата актерот од прилепскиот театар, Михајло Миленкоски рече дека претставата ја следел како радиодрама, но ја почувствувал енергијата и жарта на актерите и нивните чисти мисли. И токму клетвата е таа, убавата промена за сите…

Слични Објави