Граѓани и институции заедно ќе ја креираат визијата за Крушево 2025–2029
Вчера во Крушево се одржа првата консултативна средба во рамки на подготовката на Интегрираниот локален развоен план за периодот 2025–2029 година, кој ќе биде клучен документ за идниот развој на општината.
На средбата присуствуваа претставници од локалната самоуправа, јавни институции, граѓански организации и стручната јавност, со цел заеднички да се дефинираат приоритетите и насоките на развој за наредниот петгодишен период.
„Овој процес е од суштинско значење за иднината на нашата општина. Нашата визија е Крушево да биде пример за модерна, одржлива и просперитетна локална самоуправа. Веруваме дека преку транспарентен и инклузивен пристап, ќе изградиме план што ќе донесе конкретни придобивки за сите граѓани,“ беше истакнато на средбата.
Во текот на консултациите беше нагласена важноста од активно учество на граѓаните и сите релевантни чинители во креирањето на стратешкиот документ, кој треба да понуди реални и остварливи решенија во повеќе сектори – економија, туризам, инфраструктура, екологија, култура и социјална заштита.
Процесот на подготовка на Интегрираниот локален развоен план ќе продолжи и во наредните месеци со низа јавни настани, работилници и дебати, со цел крајниот документ да биде резултат на отворен и сеопфатен дијалог.


