Шекспировата „Бура“ во „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Во петок, на 27 септември во 20 часот, прилепскиот театар ќе ја изведе претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.

Бура се смета за последната драма на Шекспир. Имал удел и во следни соработки, но ова е неговото последно напишано дело. Во него, волшебникот Просперо – поранешен војвода од Милано, живее на пуст остров со својата млада ќерка Миранда, со робот Калибан и со духот-помошник Ариел. Кога неговиот брат, предавникот Антонио плови во близина на островот, Просперо предизвикува бура во која Антонио преживува бродолом заедно со Алонзо – кралот на Неапол, синот на Алонзо – Фердинанд, братот Себастијан, советникот Гонзало, шутот Тринкуло и служителот Стефано. Фердинанд, за кого мислат дека е мртов, ја запознава Миранда и се вљубува во неа.

Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.

Драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата, костимите, светлото и автор на плакатот е Благој Мицевски, а музиката е на Томе Темелкоски.

Слични Објави