СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПРЕЌУТУВА
Семејното насилство, неговите форми, начините за пријавување и законската заштита на жртвите беа во фокусот на трибината организирана од Здружението „Пелагонa Прва“, која се одржав во Младинскиот центар „Урбано гнездо“ во Кривогаштани,
На трибината се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат жртвите на семејно насилство, меѓу кои стравот од осуда, неизвесноста за иднината и недовербата во институциите. Посебно внимание беше посветено на жените од руралните средини, кои поради традиционалните и позатворени општествени околности често имаат ограничен пристап до институционална и организациска поддршка.
Еден од главните заклучоци беше дека жртвите не треба да бидат осудувани, туку поддржувани. Молчењето и прикривањето на насилството не се решение, а меѓусебната поддршка и охрабрувањето за пријавување се важни чекори кон заштита на жртвите.
Беше посочена и потребата секоја општина, без разлика дали е урбана или рурална, во рамките на своите законски надлежности и можности да обезбеди соодветна поддршка за лицата кои се соочуваат со семејно насилство. Како пример беше спомената Општина Битола, која има сопствен Центар за поддршка.
Трибината беше реализирана во пријатна и поддржувачка атмосфера, со заедничка порака: да не ги осудуваме жртвите, да им бидеме поддршка и да не молчиме за насилството. За насилството треба да се зборува гласно, а не да се крие под тепих.









