|

Сараевскиот атентат – Искра што ја запали Првата светска војна

На денешен ден, 28 јуни 1914 година, во Сараево беше извршен атентат врз австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија – настан кој ќе стане пресвртница во светската историја и повод за почетокот на Првата светска војна.

Франц Фердинанд, австриски надвојвода и наследник на тронот на Австроунгарија, престојувал во главниот град на тогаш анектираната Босна и Херцеговина со цел да ја надгледа воената состојба во регионот. Неговата посета, во контекст на тензиите поради анексијата на Босна и Херцеговина во 1908 година, предизвикала силни емоции кај дел од населението, особено меѓу српските националисти.

И покрај обезбедувањето, 19-годишниот член на националистичкото движење „Млада Босна“, Гаврило Принцип, успеал да се приближи до автомобилот во кој се наоѓале Фердинанд и Софија и ги застрелал смртно додека нивната поворка минувала низ улиците на Сараево.

Атентатот веднаш предизвика длабока политичка и дипломатска криза. Австроунгарија ја обвини Кралството Србија за организирање на убиството, а точно еден месец подоцна, на 28 јули 1914 година, ѝ објави војна. Со тоа започна Првата светска војна – конфликт кој ќе ја зафати речиси цела Европа, ќе донесе милиони човечки жртви и ќе го промени геополитичкиот поредок на 20 век.

Денес, 111 години подоцна, Сараевскиот атентат останува симбол на кревкоста на мирот и потсетник на тоа колку еден настан може да има глобални последици.

Слични Објави