Меѓународен ден на мајчиниот јазик: Симбол на идентитетот и културната разновидност

Денес, 21 февруари, светот го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, прогласен од УНЕСКО во 1999 година. Овој ден има за цел да ја нагласи важноста на зачувувањето, негувањето и промовирањето на мајчините јазици, како и да ја поттикне лингвистичката и културната разновидност.

Мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација – тој е печат на нашето постоење, сведоштво за нашата историја и израз на нашиот идентитет. Македонскиот јазик, како дел од ова глобално културно наследство, е не само средство за изразување, туку и врска со традицијата и националниот дух.

Овој датум е востановен во чест на трагичниот настан што се случил во 1952 година во Бангладеш (тогаш Источен Пакистан). По поделбата на Индија во 1947 година, владата на Пакистан го наметнала урду како единствен официјален јазик, иако мнозинството население во Источен Бенгал зборувало бенгалски. Тоа предизвикало масовни студентски протести во Дака, при што полицијата убила неколку демонстранти. По неколку години, бенгалскиот бил признаен како официјален јазик.

Денес во светот се зборуваат околу 6.500 јазици, но според истражувањата, на половината од нив им се заканува исчезнување. Овој феномен е најизразен во делови од Америка, Австралија и Африка, каде доминантните јазици ги потиснуваат автохтоните говори.

Одбележувањето на овој ден е потсетник за значењето на мајчиниот јазик како носител на културното наследство, но и како основен елемент на личниот и националниот идентитет. Чувајќи го јазикот, го чуваме и нашето постоење.

Слични Објави