Прилеп со два јавни повици – Ќе се избираат најдобрите воспитувачи, негователи и наставници

Општина Прилеп распиша два јавни повици со цел јавно да ја препознае, награди и поттикне работа на воспитувачите, негователите и наставниците кои со својата посветеност директно придонесуваат кон подобро образование и развој на младите генерации.



Првиот јавен повик е наменет за избор на најдобар воспитувач и неговател во ЈОУДГ „Наша иднина“, а вториот за избор на најдобар наставник од одделенска и предметна настава во основните училишта и најдобар наставник во средните општински училишта во Прилеп. За секоја од категориите предвидена е парична награда како мотивација и признание за трудот и заложбите на добитниците.

Наградите за воспитувачите и негователите, во висина од по 20.000 денари, имаат за цел да го поддржат професионалниот ангажман во развојот на најмладите – физички, ментален, емоционален и социјален. Право на учество имаат вработените на неопределено време, кои не се раководен кадар и не биле наградувани во последните три години. Кандидатите ќе бидат оценувани според критериуми како: квалитет на работата со децата, комуникација со родителите, учество во обуки и проекти, промоција на градинката, како и авторски стручни трудови.

Општина Прилеп со вториот јавен повик сака да ја потенцира и важноста на наставниците кои покажуваат исклучителни резултати и иницијативи во наставниот процес. Се бираат најдобар наставник од одделенска и предметна настава во основните училишта и најдобар наставник во средните училишта. Право на пријавување имаат наставници со редовен работен однос на неопределено време, кои не се на раководна функција и не биле наградувани во последните пет години.

Вреднувањето се врши според строго дефинирани критериуми, меѓу кои се: квалитет и иновативност на наставата, вклученост во инклузивни тимови, промоција на училиштето и општината, учество и награди на натпревари од училишно до меѓународно ниво, ангажман во проекти и семинари, како и авторство на учебници и стручна литература. Секој кандидат може да конкурира за еден наставен предмет, а ќе се вреднуваат резултатите од тековната учебна година.

За двата јавни повика, кандидатите треба да поднесат комплетна документација, која вклучува потврди, дипломи, изјави и други релевантни докази, во архивата на Општина Прилеп или по пошта. Сите пријави ќе ги разгледува Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата при Советот на Општина Прилеп, која ќе состави ранг-листи. Конечната одлука за доделување на наградите ќе ја донесе градоначалникот, а резултатите ќе бидат објавени на веб-страницата на Општината.

Јавниот повик ќе трае 5 (пет) денови, не сметајќи го денот на неговото објавување.

Повеќе на официјалната страна од општината. https://www.prilep.gov.mk/

ПРЕЗЕМИ javen-povik-za-vospituvachi

ПРЕЗЕМИ javen-povik-za-nastavnici

Слични Објави