Конституиран советот на Општина Кривогаштани – Андреј Ацески од Левица избран за претседател
Вчера, во свечена и работна атмосфера, се одржа првата конститутивна седница на Советот на Општина Кривогаштани.
На седницата беше извршена верификација на мандатите на новоизбраните членови на Советот, со што официјално започна нивниот четиригодишен мандат за работа во интерес на граѓаните на општината.
По верификацијата, советниците пристапија кон избор на претседател на Советот на Општина Кривогаштани. Со едногласна поддршка од сите советници, за претседател беше избран Андреј Ацески од редовите на политичката партија Левица.
Седницата помина во позитивна и конструктивна атмосфера, во духот на соработка и заедничка посветеност кон развојот на општината. Новоизбраните советници ја истакнаа својата подготвеност за активно ангажирање, дијалог и работа во интерес на сите жители на Општина Кривогаштани.



