ПОЧНУВА УПИСОТ НА УЧЕНИЦИ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА
Од 14 до 17 јуни на полноќ ќе се одвива првото електронско пријавување на учениците за запишување во прва година во јавните средни училишта во државата за учебната 2025/2026 година.
Пријавувањето се врши преку електронско аплицирање, со користење на платформата за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk. Учениците треба да се најават преку своите кориснички сметки на порталот schools.mk.
По завршувањето на електронската апликација, учениците се обврзани да ја достават потребната документација до училиштата на 18 јуни (од 8:00 до 19:00 часот) и на 19 јуни (од 8:00 до 17:00 часот).
Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и евентуалните преостанати слободни места ќе биде објавена на 20 јуни 2025 година, најдоцна до 12:00 часот, на јавно место во училиштето и/или на интернет-страницата на училиштето. Во училиштата каде што ќе има квалификациско тестирање, истото ќе се организира на 23 јуни, а резултатите ќе бидат објавени истиот ден.
Второто електронско пријавување во рамки на јунскиот рок е закажано за 30 јуни, во периодот од 00:00 до 23:59 часот. Документацијата до училиштата ќе се доставува на 1 јули (од 10:00 до 19:00 часот), а конечните ранг-листи ќе бидат објавени на 2 јули. Доколку има потреба, квалификациско тестирање ќе се организира на 4 јули.
За учениците кои нема да се запишат во јуни, последна можност ќе биде августовскиот рок, кој ќе се одржи на 21 август, со електронско пријавување и доставување на документација од 00:00 до 15:00 часот. Конечните ранг-листи од овој рок ќе бидат објавени на 22 август.
Во Конкурсот за упис објавен од Министерството за образование и наука се наведени сите потребни документи, критериуми за прием и насоки за спроведување на запишувањето во јавните средни училишта.