|

Студенти од УКЛО со прва шанса за реална работа – Општина Битола им отвори врати

По јавниот повик објавен од Општина Битола, во соработка со Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, избрани се 44 студенти кои ова лето ќе реализираат универзитетска пракса во одделенијата на Општината и јавните претпријатија.



Овој проект, која се реализира по трет пат, годинава привлече најголем интерес досега, со рекорден број на избрани практиканти.

Летната пракса ќе се одвива во одделенијата на Општината и во јавните претпријатија, во текот на месеците јули, август и септември. За време на праксата, секој студент ќе има можност да работи еден месец и за тоа ќе добива месечен нето надоместок од 10.000 денари, обезбеден од буџетот на Општина Битола.

Целта на оваа иницијатива е стекнување практични вештини и искуство во реалниот сектор, што ќе им биде од значење на студентите во нивниот понатамошен професионален развој.

Градоначалникот Тони Коњановски ги пречека студентите и им посака успешна работа, истакнувајќи дека оваа програма претставува значаен чекор кон вклучување на младите во процесите на локалната самоуправа.

„Преку директно вклучување во работните процеси, студентите ќе имаат можност полесно да го применат теоретското знаење, но и да се соочат со реалните предизвици што произлегуваат од реализацијата на проекти и административни активности. Со воведувањето на универзитетската летна пракса, правиме значаен чекор напред – им даваме шанса на младите да бидат активни чинители во планирањето и спроведувањето на иницијативи. Ова не само што носи нови идеи и свежа енергија, туку создава и простор за напредок и заедничко градење на подобра иднина. Верувам дека токму преку знаењето, посветеноста и ентузијазмот на студентите, можеме заедно да придонесеме Битола да стане уште поубаво и попривлечно место за живеење. Ви посакувам многу успех во работата“, рече градоначалникот Тони Коњановски, во своето обраќање пред студентите.

Слични Објави