Преспанскиот Јаболкобер 2025 продолжи со штандовска презентација и богата програма
Со штандовска презентација на производи од јаболко и богата културно-уметничка програма, денеска се одржа вториот ден од манифестацијата „Преспански јаболкобер 2025“ во Ресен. На штандовите беа изложени најдобрите и најкреативните производи од јаболко – од традиционални слатки, сокови и џемови, до уникатни ракотворби и иновативни прехранбени производи, со што уште еднаш се потврди Преспа како срцето на јаболкото во Македонија.
Во рамките на денешната програма, учениците од основните училишта од општината Ресен настапија со песни и танци посветени на јаболкото, природата и богатото културно наследство на крајот, на тој начин создавајќи празнична атмосфера за посетителите.
Организаторите истакнаа дека манифестацијата не е само празник на јаболкото, туку и на заедништвото, креативноста и љубовта кон родниот крај. Благодарност беше упатена до сите ученици, наставници, родители и соработници кои придонесоа за успешната реализација на вториот ден од настанот.
Програмата продолжува вечерва со концерти на плоштадот „Цар Самоил“ во центарот на Ресен.Преспанскиот Јаболкобер 2025 продолжи со штандовска презентација и богата програма



