Затворени Два дома за стари лица поради нехумани услови и насилно однесување
Обвинителството открило физичко и психичко насилство, нехумани услови, храна со поминат рок и преполнети капацитети во двата домови
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против две жени – сопственички и овластени лица на два приватни дома за стари лица во Скопје. Станува збор за установи лоцирани на улиците „Рудо“ во Бутел и „Козара“ во населбата Капиштец, каде што, според наодите на обвинителството, старите лица биле изложени на суров, нечовечки и понижувачки третман.
Осомничените се товарат за продолжена злоупотреба на службената положба и овластување и за малтретирање во вршење на службата, а судот им одреди мерка притвор. Обвинителството соопшти дека двете жени, во својство на управителки, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и, со цел да стекнат имотна корист, потешко ги повредиле правата на згрижените лица.
При извршените претреси, било утврдено дека во домовите имало повеќе штитеници од дозволениот капацитет – во домот во Бутел биле сместени 27 лица, иако дозволата била за 21, а во Капиштец 33 лица наместо дозволените 17. Во дел од собите заедно биле сместувани мажи и жени, без соодветна приватност, а некои корисници спиеле на троседи во дневната соба или по двајца на ист кревет.
„На сите корисници им биле служени оброци со производи со изминат рок, за што се земени и мостри од храна и материјали кои доаѓаат во контакт со храна“, соопшти Обвинителството. Дел од старите лица биле постојано заклучувани во посебни простории, а на некои им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар.
Иако на своите веб-страници и профили на социјалните мрежи домовите се претставувале како „луксузни и комфорни установи“ со современи услови и внимателна грижа, реалноста што ја утврдиле инспекторите била сосема поинаква. Во објектите немало доволно стручен персонал, дел од вработените немале соодветна документација, а не била водена ниту задолжителната евиденција за личната хигиена и здравствената состојба на корисниците.
Според Обвинителството, и покрај тоа што домовите не ги исполнувале законските услови, сопственичките од корисниците и нивните семејства наплаќале значителни суми пари, при што од двата објекти месечно остварувале вкупна имотна корист од 2.232.000 денари, односно над 36.000 евра.
По откривањето на случајот, на сите згрижени лица им биле направени лекарски прегледи од страна на експерти од Институтот за судска медицина, а со координација на надлежните државни органи, за нив е обезбедено ново сместување во соодветни установи.
Според документите на Министерството за социјална политика, домовите и претходно биле предмет на инспекциски надзори. Во 2023 и 2024 година инспекторите констатирале неправилности поврзани со храната и бројот на медицински сестри. Домот во Бутел бил задолжен да обезбеди четири оброци дневно со пропишана спецификација, а оној во Капиштец да вработи доволен број стручни лица по смена.
И покрај укажувањата, проблемите не биле отстранети, а домовите продолжиле да работат спротивно на законот и правилниците за социјална заштита.
Дел од старите лица биле сместени во домовите бидејќи нивните семејства верувале во рекламите за „професионална грижа и домашна атмосфера“. На интернет и понатаму се достапни објави од родендени, забави и празнични активности – слика што, според истрагата, само ја прикривала вистинската состојба во која старите луѓе живееле во страв, нечистотија и без основна грижа.
.



