22 години од трагичната смрт на Борис Трајковски

На денешен ден, 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа во близина на Мостар трагично загина претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски.



Во несреќата животот го загубија и членовите на неговиот кабинет – Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски од обезбедувањето, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот авион „Кингер“, со кој делегацијата патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во 8 часот по локално време, а остатоците од леталото беа пронајдени дури 24 часа по несреќата.

Првичната истрага, спроведена од надлежните македонски и босански институции, утврди дека причина за уривањето биле пропусти на екипажот при процедурата за приоѓање кон аеродромот во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

На барање на македонските власти, во јануари 2013 година беше отворена нова истрага, што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.

Борис Трајковски е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица. Тој беше втор претседател на Република Македонија, функција што ја извршуваше од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, со специјализација по деловно право и право на работни односи. Пред изборот за претседател, од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски.

Трајковски беше активен и на политички и меѓународен план, како претседател на Комисијата за надворешно-политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на партискиот лидер, член на Паневропското движење за Република Македонија и учесник на меѓународни конференции за решавање конфликти.

Неговата смрт остави длабока трага во македонската историја, а 26 февруари останува ден на сеќавање на еден од најзначајните државници во поновата македонска државност.

Слични Објави