|

Иванден во Дневниот центар Прилеп -Каравајчиња подготвени од децата и „Преродба“

Денес, во просториите на Дневниот центар Прилеп, по повод празникот Иванден, се одржа креативен и традиционален настан во која децата корисници и жените од здружението „Преродба“, подготвуваа каравајчиња – симболични лепчиња што традиционално се месат за овој ден.



Активноста се реализираше во празнична и топла атмосфера, со заеднички ангажман и ентузијазам. Соработничката Стеве Атанасоска од „Здружение Центар за развој и едукација- Прилеп“ ги водеше учесниците низ процесот на месење, обликување и украсување на лепчињата со шарени традиционални бонбони.

Изработката на каравајчињата е можност за пренесување на културно наследство меѓу генерации. Децата со радост учествуваа, слушајќи за значењето на Иванден и симболиката на лепчето, додека повозрасните со гордост ја пренесуваа традицијата.

„Им благодариме на жените од ‘Преродба’ што секоја година не посетуваат и ни донесуваат убавина и топлина во овие празнични денови. Секогаш ни ставаат насмевка на лицата и ни покажуваат што значи вистинска грижа и внимание,“ изјавија од тимот на Дневниот центар.

Настанот уште еднаш потврди дека соработка меѓу граѓански здруженија, деца и корисници на социјални сервиси може да создаде простор исполнет со почит, заедништво и вистински вредности.

Слични Објави