400 нови пожарникари ќе се ангажираат во општините – месечен надомест 24.000 денари
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ќе ангажира 400 привремени пожарникари, кои ќе бидат распоредени во општинските противпожарни бригади. Како што најави директорот Стојанче Ангелов, месечниот надоместок ќе изнесува 24.000 денари, а ангажираните ќе поминат обука за гаснење пожари. Најдобрите ќе добијат можност за трајно вработување.
Огласите за вработување ќе ги распишат самите општини, освен Струмица и Кочани, кои не се пријавиле на повикот. Во Скопје ќе се ангажираат околу 100 лица, дел од нив ќе бидат селектирани за идната Специјална единица за заштита и спасување.
„Ги повикувам сите млади и физички способни да се пријават. Не се препорачува пријава за лица со хронични или срцеви болести“, истакна Ангелов.
Душица Перишиќ од ЗЕЛС додаде дека земјава моментално има околу 700-800 пожарникари, а според европски стандарди се потребни најмалку 1.500.
Покрај новите вработувања, Владата вчера промовираше и 38 пренаменети армиски и полициски возила за гаснење пожари, кои веќе се во функција кај пожарот во Блаце.



