Во Прилеп се одржа обука за следење на јавните набавки на општините
Во Прилеп денес се одржа обуката „Следење на јавните набавки на општините“, организирана за претставници на граѓански организации, јавни институции и медиуми од Прилеп и Крушево. Настанот е дел од иницијативите што Finance Think и Транспаренси Интернешнл – Македонија ги спроведуваат во рамки на проектот „Отворени финансии“, поддржан од Европската Унија, со цел зајакнување на транспарентноста и отчетноста во локалната самоуправа.
Учесниците имаа можност да се запознаат со практичните начини за пристапување до податоци за јавните набавки – област која претставува еден од најчувствителните сегменти во трошењето на јавните средства. Беше објаснето како се користат платформите за јавни набавки, кои типови податоци се достапни, како да се анализираат постапките и како граѓанскиот сектор може да придонесе кон нивно следење.
Во продолжение беа обработени основните принципи на јавните набавки, видoвите постапки, документацијата, критериумите за избор на најповолна понуда и улогата на институциите во секоја фаза. Особен акцент беше ставен на важноста од почитување на принципите на конкуренција, економичност, транспарентност и недискриминација.
Една од темите што предизвика најголем интерес беа критичните точки во јавните набавки – од можните неправилности во планирањето, преку недоволно транспарентни критериуми, до потенцијални обиди за коруптивни влијанија. Присутните дискутираа за начини на идентификација на ризици, како и за механизмите што постојат за пријавување сомнителни практики.
Предавач беше Горан Давидовски од Бирото за јавни набавки, кој ги пренесе најновите практики и препораки за подобрување на системот.
Учесниците ја оценија обуката како корисна, нагласувајќи дека подоброто разбирање на јавните набавки е клучно за зајакнување на јавниот надзор и намалување на можностите за злоупотреби.


