УСПЕШНА УЧЕБНА ГОДИНА ЗА СИТЕ УЧЕНИЦИ И СРЕЌЕН НОВ ПОЧЕТОК НА ПРВООДЕЛЕНЦИТЕ
Општина Битола трета година по ред продолжува со реализација на финансиската поддршка од општината за учениците од прво одделение,со која секое прваче добива 3.000 денари, како поддршка во подготовките за наставниот процес.
Заменикот градоначалник Бојкоски нагласи дека покрај оваа поддршка локалната самоуправа продолжува со инвестиции во воспитно обрзовните објекти, а посебно во подобрувањето на спортската инфраструктура и реконструкцијата на спортските игралишта во училиштата, како што тоа неодамна беше направено со игралиштето во ОУ „Елпида Караманди“, а веќе се подготвени за реализација и проекти за неколку други игралишта.
Бојкоски им посака успешна учебна година и на сите други ученици во основните и средните училишта во општината напоменувајќи дека воспитно образовниот процес е најважниот и најубавиот период од животот кога се создаваат најмногу пријателства, се стекнуваат знаења, но и се формираат вистинските личности.
Оваа година во битолските училишта, учебната година започна со интонирање на Химната на Република Македонија, а согласно донесената Одлука од Советот, истото ќе се практикува во училиштата, секој понеделник.
фото: Општина Битола