Пациент останал без над 90.000 денари по посета на прилепската болница

Шалтерски работник во прилепската болница осомничен за злоупотреба на картичка на пациент – потрошил над 90.000 денари преку интернет

Фотографирал дебитна картичка додека пациент плаќал услуга, а потоа во четири месеци извршил 71 трансакција.

Административен службеник во ЈЗУ Општа болница Прилеп е осомничен дека фотографирал дебитна платежна картичка на пациент и потоа со нејзините податоци извршил десетици интернет-трансакции, при што незаконски потрошил повеќе од 90.000 денари.

Според информациите од МВР, СВР Битола поднела кривична пријава против 40-годишен прилепчанец поради сомнение за сторени кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и „злоупотреба на лични податоци“.

Како што соопшти полицијата, осомничениот на 13 октомври 2025 година, додека работел на шалтер за наплата во прилепската болница, ја фотографирал дебитната картичка на пациент од Прилеп. Потоа, во периодот од 26 октомври 2025 до 19 февруари 2026 година, користејќи ги податоците од картичката, извршил вкупно 71 интернет-трансакција во вредност од 90.174 денари.

Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, а против осомничениот е поднесена соодветна кривична пријава.

Слични Објави