Осветлувачи на можната корупција

Рангирањето по системот на интегритет на институциите, значи рангирање и на единиците на локалната самоуправа. Рангирањето покажа дека Општина Демир Хисар е далеку напред на првото место според ранг – листата од 81 Општина.

Убаво е да се објасни што значи тоа? Се разбира дека тоа ќе има влијание врз градењето на силна локална самоуправа и врз создавањето на довербата кај граѓаните, но има тука многу за кажување. Некој ќе рече „се тресеше гората, се роди глушец“, но приказната е малку поширока. „Странците“, а посебно нашите кредибилни „домашни институции“, кои на прсти се бројат, знаат дека се критериумите за мерење формални и понекогаш не одговараат на реалноста, но поентата е во стекнувањето свесност за значењето на отчетноста и транспарентноста на општините против можната корупција, па потоа во поврзувањето на сопственото место и сопствениот лик со тие поими, затоа што работното место тоа го бара (работна етика) и во стекнувањето вештини за да се помине „морето“ од формални документи, кои ем што мора да се напишат, усвојат и објават, ем што тие документи (или моментната „лага“) еден ден можат да станат вистина – ако некој го води тој процес и општината да си размислува низ нив – како законски акти.

Значи, мерењата се само еден понебитен елемент, а поважниот е дали општината и кој од општината „ќе го одат“ тој пат, кој несомнено е потребен. Нели сме сите против корупцијата? Па тогаш не е лошо „да ги осветлиме“ темните места во постапките, каде може да се краде, тоа никому лошо не донело, а може да создаде голем број „осветлувачи“, а дај Боже и „свиркачи“. Нема да тргнеш од место, ако нема некаков светилник и некоја надеж, па било колку да е далеку.

А за да стасаш некаде, прво треба да направиш чекор или народски „да кинисаш“. Демир Хисар киниса и тоа силно, па не можеме да не му честитаме на градоначалникот и на неговиот посветен тим.

Пошироко за системот за интегритет на институциите на ДКСК е опишан во наш друг објавен напис. https://otv.mk/za-da-stasash-nekade-prvo-treba-da-kinisash/

Целиот Извештај за имплементација на Систем на интегритет за 2023 година

Слични Објави