|

„Руралните жени произведуваат добра храна за сите“ – саем на земјоделски производи

Во организација на „Лаг Агро Лидер“ и општина Прилеп, на платото пред Градскиот саат во Прилеп се одржа 15-тиот саем на земјоделски производи и е во пресрет на 15 октомври – Меѓународниот ден на руралните жени. Производи изложија 20-тина производители од Прилепскиот и од другите региони.

На саемот имаше разни производи, зеленчук, овошје, слатка, џемови, ајвар, макало, деликатеси од земјоделски производи по традиционални рецептури, мед, млечни производи, рачни изработки, со кои жените ја промовираат нашата традиција и култура.

Оваа година, на саемот, „Лаг Агро Лидер“ повторно се приклучува на глобалната прослава на Меѓународниот ден на руралните жени, со цел да ја нагласи значајната улога на руралните жени во производството на храна и одржливоста на локалните заедници. Под слоганот „Руралните жени создаваат квалитетна храна за сите“, македонските производителки ги презентираа своите производи, следејќи традиционални рецепти и зачувувајќи ја културата и наследството на нашата земја, изјави Марина Тошеска од невладината организација „Лаг Агро Лидер“ од Прилеп.

Државата треба да обезбеди максимална поддршка на руралните жени и соодветно да го вреднува нивниот труд, вели Марина Тошеска од ЛАГ „Агро лидер“.

Руралните жени играат клучна улога не само во производството на земјоделски култури, туку и во нивната преработка и дистрибуција. Нивниот труд често останува незабележан и неадекватно награден, иако сите ние уживаме во придобивките од него. Невладината организација „Лаг Агро Лидер“ веќе неколку години се бори за законска регулатива за платено породилно отсуство за руралните жени, наместо да се решава програмски, како што е случајот во моментов. Во нашата земја, има околу 30,000 жени земјоделки, а само околу 1,000 од нив плаќаат здравствено и пензиско осигурување, иако не користат боледување.

  • Иницијативата за измена на законот за здравствено осигурување и воведување законска регулатива за платен надомест за мајчинство и раѓање во земјоделскиот сектор постои веќе неколку години. Направивме значителни напредоци, но сè уште немаме конечни решенија. Се надевам дека креаторите на политики и властите ќе ја чујат оваа порака и ќе им овозможат на руралните жени еднакви права, како што имаат жените во другите сектори. Постои програма, но таа не е доволна. Потребни се системски и законодавни решенија за да руралните жени не се чувствуваат дискриминирано, објасни Тошеска.

Жените земјоделки и земјоделците апелираат за мерки и иницијативи за подобар пласман на производите.

  • Потребно е да имаме повеќе пазари и базари, како и подобра промоција на жени од руралната и урбаната средина кои се занимаваат со сопствено производство. Организираниот пласман на производите е неопходен, истакна Цеца Видова Трајческа од Прилеп.

Потребна е поголема поддршка од државата и локалните заедници за заштита на правата на руралните жени.

  • Потребни се стратегија и мерки за развој на земјоделството, за да се намали зависноста од увоз и да се зголеми интересот на младите, како и мерки за справување со климатските промени и организиран пласман.
  • Институциите и државата треба да се посветат на создавање добри ресурси, организирано производство, планирање, обуки и поддршка за земјоделците. Верувам дека новите генерации, кои доаѓаат по нас, ќе бидат успешни и продуктивни во производството на храна, изјави Гоце Младеноски од Радовиш.

 

Слични Објави