Магла на Плетвар – намалена видливост, сите патишта проодни
Поради густата магла на планинскиот премин Плетвар, вечерва видливоста е намалена на околу 50 метри, информира ЈП „Македонијапат“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. На патниот правец Крива Паланка – Деве Баир има слаби врнежи од снег со задржување на коловозот.
Сите патни правци низ државата се проодни, но на одредени делници, особено низ клисури и усеци, постои опасност од појава на поситни одрони.
Од „Македонијапат“ апелираат возачите да возат внимателно, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот.
Дежурните екипи се постојано на терен и интервенираат каде што е потребно за одржување на проодноста на патиштата.



