ОПШТИНА ПРИЛЕП ВО ПОСЕТА НА ТУРЦИЈА
На покана од почитуваниот градоначалник на Општина Буџа, господин Ѓоркем Думан, Општина Прилеп и градончалникт Борче Јовчески имаа чест да присуствуваат во официјалната посета во најголемата и прекрасната општина во градот Измир, Република Турција.
Посетата воедно се совпадна со одржувањето на 12-тиот по ред Буџа Балкан Фестивал, каде што Општина Прилеп имаше можност да ужива во културните богатства на балканските народи, преку музика, народни ора и традиции. Особено со задоволство и огромна чест да ги слушне македонските песни и мелосот и да ги врати спомените традициите.
Средбите беа од големо значење за збогатување на нашите билатерални односи, а особено се стави фокус на потпишувањето на Договорот за збратимување помеѓу Општина Буџа и Општина Прилеп.
Ова е значаен чекор кон понатамошно зацврстување на нашите пријателски односи, но и продлабочување на економската соработка, културните разменувања и младинските иницијативи. Преку вакви активности, заедно ќе создадеме платформи за размена на студенти, културни проекти и зајакнување на нашите локални заедници.
Буџа, како најголема Општина во Измир со население од околу 500.000 жители, понуди прекрасна можност за запознавање со нивните културни знаменитости и историски обележја. Овие моменти дозволија да го препознаеме заедничкото историско наследство кое ги поврзува нашите два народи.
Остварени се значајни средби со локалните образовни и јавни институции, вклучително градинки, училишта и младински центри. Запознавање со нивните модели на работа и функционирање со надеж дека ќе можат да ги применат позитивните практики во Општина Прилеп, со цел да се подобри секојдневното функционирање на јавните претпријатија и административните услуги.
Особено емоционална беше средбата со Здружението на иселениците од Канатларци, Ерековци и други населени места од Општина Прилеп. Овие луѓе, иако живеат и работат во Буџа, не ги заборавиле своите корени и родната Македонија. Пренесовме топли поздрави од нашата заедничка татковина и изразивме поддршка и отвореност за идни соработки.
Сакам да изразам голема благодарност за гостопримливоста на господинот градоначалник Ѓоркем Думан, неговиот тим и сите соработници и гости со кои што имавме можност да се сретнеме и заедно да бидеме дел од сите настани, Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, Идриз Фазлиоски, Амбасадорот на Република Молдавија во Турција, Дмитри Кројтор, градоначалникот на општина Седишехир, Хасан Устао, и градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски. - стои на фејсбук страната на градоначалникот Борче Јовчески.
Целта на Општина Прилеп е јасна – да се зајакнат врските меѓу општините и да се создадат услови за поблиска соработка во сите аспекти на општественото живеење. Оваа соработка ќе биде од голема корист за двете општини и граѓаните.