Oпштина Прилеп, партнер – поддржувач за градење здрави навики за исхрана кај децата од предучилишна возраст
Околу 150 стручни лица од ЈOУДГ „Наша иднина“ – Прилеп, вклучувајќи негувателки, воспитувачки, вработени во кујна, администрација, два дена учествуваа на работилница за промовирање здрава и одржлива исхрана за децата од предучилишна возраст.
Работилницата е резултат на меѓусебна соработка на Општина Прилеп како партнер-општина, Министерството за труд и социјала, УНИЦЕФ, Едуленд и Здружението за одржлив просперитет Арете, кои креираат модули за нутриционистичка педагогија, како дел од проектот „Градење здрави навики за исхрана кај децата од предучилишна возраст“.
На работилницата, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, ја истакна важноста од ваквите проекти кои придонесуваат за правилен развој на децата од предучилишна возраст во Општина Прилеп.
„Здравјето на нашите деца е наша обврска и грижа. Како локална самоупрва, чиј приоритет е, пред се, да имаме здрави деца во домот, во детските градинки, во училиштата, со задоволство ја прифативме идејата на Здружението за одржлив просперитет „АРЕТЕ“, заедно како партнери да го реализираме проектот „Prilep Living Lab“, кој е дел од FEAST проектот (системи за храна кои поддржуваат транзиција кон здрава и одржлива исхрана), преку кој нашите децата , особено оние од предучилишна возраст, ќе имаат можност да учат за здравите навики во исхраната. Здравата исхрана кај децата е еден од најважните услови за здраво, среќно и квалитетно детство. Веруваме во тоа! Иако, денеска живееме во време на изобилство, кога храната е во прашање, потешко од било кое време во минатото е да се организира и да се обезбеди здрава исхрана за децата. Но, преку овој едукативен проект ќе се обидиме да направиме се’ како Локална самоуправа, да помогнеме, нашите деца да научат да се хранат здраво, особено децата од предучилишна возраст, затоа што храната значи здравје, добар раст и правилен развој на детето. “ рече пред присутните градоначалникот на Прилеп, Јовчески, потенцирајќи при тоа дека Општина Прилеп уште од минатата учебна година се грижи за здрава исхрана на најмладите и го спроведува проектот за бесплатен оброк од здрава храна за секое прваче, кој продолжува и оваа учебна година, дополнет, освен за децата од прво оваа година и за второодделенците.
Инаку преку мрежа на лаборатории – Living Labs, вклучувајќи општини, FEAST се обидува да поттикне позитивни промени низ синџирот на вредност на храната. Петгодишниот проект, финансиран од програмата на ЕУ Хоризонт Европа и координиран од Универзитетот Хајделберг, вклучува 35 партнери од 15 европски земји и има за цел да одговори на итни предизвици со кои се соочуваат европските граѓани во пристапот до хранлива и здрава исхрана.
Фото: Општина Прилеп