| | |

Саемот за пчеларство донесе богатство од вкусови и традиции

На градскиот плоштад во Демир Хисар, на 14 јуни 2025 година, се одржа Саемот за пчеларство и пчелни производи – Демир Хисар 2025. Настанот започна во 10:30 часот и привлече бројни посетители, љубители на здравиот начин на живот, како и поддржувачи на локалното производство.

Пчелари од целиот регион ги изложија своите производи – мед, прополис, матичен млеч и други пчелни деривати. Посетителите имаа можност да дегустираат и купат висококвалитетни пчелни производи директно од производителите, при што се создаде жива и позитивна атмосфера на пазарување, разговори и размена на искуства.

Покрај изложбено-продажниот дел, програмата беше збогатена со културно-уметнички настапи. Своите точки ги претставија КУД „Илинден“ од Демир Хисар, како и децата од ЈОУДГ „2-ри Септември“, кои внесеа детска радост и традиционален дух на сцената.

Настанот се реализираше со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Медлика Мед Македонија и Општина Демир Хисар.

Саемот претставува значаен чекор во зајакнување на локалната економија, поддршка на традиционалните занаети и промоција на Демир Хисар како дестинација за еко и агро-туризам. Организаторите најавија дека оваа иницијатива ќе продолжи и во наредните години, со цел поголема поддршка за пчеларите и поширока промоција на нивните производи.

Слични Објави