Опасна комбинација: Поленот и загадувањето ја влошуваат алергијата
Пролетта носи расцветани дрвја, но и нов бран алергии, кои секоја година погодуваат сè поголем број луѓе. Главниот виновник е поленот, но помалку очигледен фактор што ја влошува состојбата е зголемениот број на автомобили и загадувањето на воздухот.
Според д-р Дејан Докиќ, специјалист пулмоалерголог од Клиниката за пулмологија и алергологија, озонот создаден како резултат на издувните гасови ја засилува алергиската реакција. Тој ја прави поленската прашина поагресивна, што значи дека луѓето со алергии оваа пролет може да се соочат со уште потешки симптоми.
„Алергиите се влошуваат поради цветањето на дрвјата, но честопати луѓето сами го зголемуваат нивото на озон во воздухот со возење автомобили. Оваа комбинација ја влошува состојбата на пациентите со респираторни алергии“, објаснува Докиќ.
Бројот на луѓе кои се алергични на полен значително пораснал во последните децении. Во 1995 година, само 11,5% од популацијата во Македонија страдала од алергија на полен, додека во 2003 година бројката достигнала 23,1%. Иако нема понови официјални податоци, светските трендови покажуваат дека оваа бројка постојано расте.
Најчестите симптоми вклучуваат течење на носот, надразнета и сува кашлица, кивање, печење и солзење на очите. Овие симптоми можат да се контролираат со навремено земање терапија, но многумина оваа година забележуваат значително влошување на состојбата.
„Оваа година симптомите ми се многу полоши. Штом почнат да цветаат дрвјата, веднаш почнувам да кивам, ми тече носот, а очите ми се црвени и солзат. Се трудам да ја земам терапијата навреме, но понекогаш ни тоа не е доволно“, вели Александра, 32-годишна скопјанка.
Д-р Томица Наков, лекар во Итната медицинска помош во Штип, советува дека оние кои се чувствителни на полен треба навремено да ја земаат својата терапија и да избегнуваат средини со многу дрвја и цветови.
„Доколку некои луѓе мора да се изложени на места со дрвја и цвеќиња, препорачуваме носење заштитни маски за да се намали контактот со алергените“, додава Наков.
Алергиите се предизвикани од претерана реакција на имунолошкиот систем на супстанции кои вообичаено се безопасни за повеќето луѓе. Кога алергенот, како што е поленот, ќе влезе во телото, тој предизвикува ослободување на хистамин, што доведува до воспаление и иритација на ткивата.
Сепак, со правилна превенција, како што е намалено изложување на полен, редовно земање терапија и избегнување загадени области, луѓето со алергии можат да го олеснат својот живот во текот на пролетните месеци.