(видео) Тутунопроизводители: Зошто е заклучена капијата на ТУТ-КОМ?
Тутунопроизводител од прилепско испрати видео до ОТВ, на кое се гледа дека капијата на Тутунскиот комбинат – Прилеп е заклучена уште пред завршувањето на работното време, иако официјалниот откуп на тутунот треба да трае до крајот на февруари.
Производителот прашува зошто се случува ова во период кога голем број тутунари сè уште не го имаат предадено целиот род.
„Како е можно комбинатот да е заклучен, а откупот сè уште да трае? Каде да го носиме тутунот?“ – прашува револтираниот тутунар.
Дополнително, како што ни посочува, ни се обратил нам, затоа што немал контакт со Сојузот што ги застапува тутунопроизводителите.
Според информациите што ги добил од терен, меѓу тутунарите кружат сериозни сомнежи дека веќе постои некаков договор, според кој квалитетниот тутун, наместо да се откупува во прва класа, се класифицира како трета, со што директно се оштетуваат производителите.
Тутунарите стравуваат дека ваквата состојба не е случајна, туку дел од поширока шема со која се намалува откупната цена на нивниот труд.



