|

Историјата на платно – Изложба „Мотиви од Хераклеја“ на Панде Петровски

Вечерва со почеток од 18.30 ч.асот во Ликовна галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, битолскиот уметник Панде Петровски ќе ја претстави својата изложба „Мотиви од Хераклеја“.

Во своите дела, Петровски ја истражува античката цивилизација и култура, барајќи ја есенцијата на универзумот и духот на совршенството. Неговите слики се полни со интимност, спокој и носталгија, претставувајќи уникатен спој на светлината и одсјајот од минатото. Овие дела ќе останат препознатлив дел од творештвото на овој битолски ликовен креативец и неговиот комплетен ликовен израз.

„Во сите слики се наѕира филозофската задлабоченост на авторот, аналитичката и синтетичка рамнотежа на реалното и иреалното, на она што постои како артефакт и сликарска фантазија, како и според студиознто промислување на композициската целина но и на поединечните целини во самата слика ако се набљудуваат само делови од истата. Од нив блика еден тивок, но длабок изблик на емоциите историското минато да се одлепи од заборавот, незаборавно, но сега на платно, да прозборат паметниците, мермерот, исклесаните букви на тој мермер, да прозборат елените и рајските птици од мозаикот… Во античката цивилизација и култура се бара есенцијалното на универзумот, духот на совршенството, сакајќи, притоа, на платно да ја прикаже спиритуалната магичност, на Хераклеја, на овој мотив многу присутен, а истовремено и многу отсутен во делата на современите ликовни творци.
Овие слики на Панде Петровски полни се со интимност, спокој, благост, со чуден спој на светлината и одсјај од минатото, слики кои побудуваат носталгични чувства на вечното панта реи. Слики со автентичен порив исполнети со лирска имагинација и сензибилитет, слики кои ќе останат како препознатлив дел од творештвото на овој битолски ликовен креативец и неговиот комплетен ликовен израз.“ – Панде Манојлов

.

Слични Објави