Одземени 479 лиценци во градежниот сектор!
Владата продолжува со темелни контроли во градежниот сектор, а резултатите покажуваат сериозни неправилности кај значителен број компании. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека од досега прегледаните 3.100 лиценци, кај 479 субјекти се утврдени неправилности, поради што нивните лиценци ќе бидат одземени.
„Сите овие правни лица ќе останат без лиценци, а листата ќе биде доставена до надлежните институции за понатамошно постапување. Контролите ќе станат редовни и обврзувачки на секои шест месеци, а жалбените постапки повеќе нема да го одложуваат извршувањето на суспензиите“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека Владата нема намера да казнува, туку да обезбеди доследно почитување на законските обврски. Контролите се насочени кон исполнувањето на критериумите за потребен број вработени, додека квалитетот на изведбата и почитувањето на роковите остануваат под надзор на надлежните инспекциски органи.
Министерството за транспорт веќе објави список на фирми на кои ќе им биде одземена лиценцата, а јавноста може да го погледне на следниот линк — https://www.mtc.gov.mk/vesti/Lista-na-pravni-litsa-za-odzemanje-na-litsentsi-vo-vo-delot-na-gradezhnoto-rabotenje-i-urbanistichko-planiranje