Економскиот факултет во Прилеп одбележа 65 години постоење
Со свечена академија и бројни гости од академската заедница, институциите и бизнис-секторот, Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола го одбележа својот 65-годишен јубилеј.
Факултетот, кој повеќе од шест децении е еден од столбовите на образованието, науката и општествениот развој, досега изнедрил 7.751 дипломиран економист, 667 магистри и 104 доктори на науки.
„Наставно-образовниот процес ги следи современите трендови и секогаш е во функција на студентите, на бизнис-секторот и на општеството во целина,“ истакна деканката проф. д-р Драгица Оџаклиеска.
Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, порача дека државата ќе вложува во зголемување на платите во високото образование, подобрување на студентскиот стандард и поддршка на научно-истражувачката работа. „Да создадеме стручни и компетентни кадри кои ќе ја движат државата напред,“ рече тој.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, потсети дека економскиот факултет е најстарата образовна установа при Универзитетот и дека неговата сила се студентите преку кои факултетот гради врски со заедницата, невладиниот сектор и стопанството.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, нагласи дека факултетот има големо значење за развојот на градот и регионот, нарекувајќи го „столб на образованието и економскиот развој“.
Општина Прилеп и оваа година додели 20 стипендии за студенти од прва година, продолжувајќи ја традицијата на поддршка за младите и нивниот потенцијал.
На свеченоста, факултетот додели благодарници на поединци и институции, особено од бизнис-секторот со кој успешно соработува.
Економскиот факултет од Прилеп останува препознатлив по создавањето генерации економисти, експерти и лидери кои оставиле и продолжуваат да оставаат силен белег во македонското стопанство, јавниот сектор и општеството.


