Одлив на студенти – Повеќе битолчани и прилепчани студираат во Словенија отколку дома
Сè поголем број матуранти од Битола одлучуваат студиите да ги продолжат во Словенија, каде што моментално студираат околу 800 битолчани, додека на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има околу 600 студенти од градот. Овој тренд, според универзитетските професори, е резултат на подобрите можности за образование и професионален развој во странство.
На панел-дискусија организирана од Синдикатот на вработените на УКЛО, беше истакнато дека е неопходно значително поголемо вложување во високото образование, подобрување на условите за студирање и работа, како и пошироки општествени реформи, со цел младите да останат и да се вратат во земјава.
Според словенечки извори, во академските години 2023/2024 и 2024/2025 во Словенија се запишале над 3.100 студенти од Македонија. Официјалната статистика на Битолскиот универзитет покажува дека бројот на бруцоши од Битола и Прилеп значително се намалил во последната деценија – од 488 бруцоши од Битола и 328 од Прилеп во 2013/2014 година, на 296 битолчани и 181 прилепчанец десет години подоцна.
Професорите предупредуваат и на недостиг на млад академски кадар, односно асистенти и доценти, што дополнително ја загрозува иднината на високото образование во регионот. Претседателот на Синдикатот на УКЛО, проф. д-р Сашо Дуковски, посочи дека и покрај подобрените услови за академскиот кадар, административните процедури и одобрувањата од Министерството за финансии го отежнуваат вработувањето нови наставници.
„Законот за буџети предвидува за секое вработување согласност и од Министерството за финансии, кое одлучува според состојбата на буџетот, а не според академските потреби“, изјави Дуковски.
Дополнителен фактор што ги мотивира студентите да заминат во Словенија е фактот што, врз основа на билатерални договори, студирањето на државните факултети е бесплатно за македонските државјани на додипломските и магистерските студии. пишува СДК.



