(видео) Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието да не ја избере Џихан Ахмед
Мрежата за заштита од дискриминација апелира до Собранието да не ја избере Џихан Ахмед за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, оценувајќи дека кандидатката не ги исполнува законските услови и не поседува основни знаења неопходни за функцијата.
Според Мрежата, нејзините одговори за време на јавното претставување покажале сериозно непознавање на клучни меѓународни документи, меѓу кои и Истанбулската конвенција – стратешки документ за борба против родово базирано насилство и дискриминација.
Прашањето до Ахмед го постави Атанас Аврамов од Мрежата за заштита од дискриминација:
„На кој темел од Истанбулската конвенција би работеле за време на вашиот мандат и со кое тело од Обединетите нации би воспоставиле постојана соработка во борбата против дискриминацијата во образованието?“
Одговорот на кандидатката, според Мрежата, бил нејасен и содржел неточни и ирелевантни информации поврзани со Турција и периодот на Ататурк, без конкретно познавање на суштината на Истанбулската конвенција или на меѓународните механизми за заштита од дискриминација.
Од Мрежата оценуваат дека ваков одговор е загрижувачки, особено ако се земе предвид дека Ахмед е магистер по меѓународно право и би требало да има солидно познавање на релевантните меѓународни договори.
„Разочарувачки е што кандидатка која треба да одлучува за прашања од родова еднаквост и дискриминација не ги познава основните документи од оваа област. Ова сериозно ја доведува во прашање нејзината стручност и подготвеност за функцијата“, соопштија од Мрежата за заштита од дискриминација.
Дополнително, од биографијата на Ахмед произлегува дека таа нема ниту една година работно искуство во областа на човековите права, иако огласот за член на Комисијата предвидува минимум седум години релевантно искуство.
За членови на Комисијата биле пријавени вкупно 14 кандидати, а Комисијата за избори и именувања во Собранието ги предложи Џихан Ахмед, Наташа Амдију и Лимко Бејзароски. За нивниот избор ќе се гласа на утрешната собраниска седница.
Од Мрежата апелираат пратениците сериозно да ја сфатат својата улога во спроведувањето на Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, и да обезбедат Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да биде составена од компетентни и професионални лица.


